Си замина чичко Драги од Рекорд
Не постои скопјанец кој не ја знаеше тезгата на чичко Драги на Рекорд. Стегачи, шноли, штипки за коса, ланчиња… купуваш едно, ти дава уште три. Ќе ти ги пикне в џеб. Околу него, десетина кучиња. Тие барем ги препознаваат добрите луѓе, без разлика каков и товар да носат на своите плеќи. А чичко Драги богами носеше товар. Тој товар му се гледаше на лицето, но не и во однесувањето – секогаш културен и добар со сите. Душа како планина. Колку имаше за него, толку имаше и за кучињата.

Денеска, тој почина на 72-годишна возраст, по подолго боледување. Надежта не го напушти до последно. Минатиот месец на својот профил на Фејсбук тој се заблагодари за донациите од граѓаните и напиша „ветувам дека од болница ќе излезам посилен“.

За жал, ова не се случи, а Рекорд никогаш нема да биде тоа што беше.
„Бев дете, можеби 3, 4 години, се подигав на прсти на балконот од нашиот стан на Рекорд и секогаш вниманието ми го зимаше тезгата на чичко Драги која беше во пролазот каде што е сега Министерство за правда… Кога ќе дојдеше сонцето до тезгата сите ланчиња светкаа… во тоа време чичко Драги продаваше многу убави работи… А со него имаше една многу убава плава девојка со која потоа се разделија. Секое поминување покрај неговата тезга тој ни даваше ластичиња за коса во разни бои, а потоа и шнолички. Се лутеше кога му остававме пари“, пишува на социјалните мрежи неговата пријателка, вокалистката Тина Алексовска.
Таа додава дека пред повеќе години, кога дознала дека тој е во болница на операција, отишла да го посети.
„Право налетав на докторот кој го познавам и ми ја покажа собата на чичко Драги, тој па кога ме виде почна да плаче, почна да ми покажува со раце дека го оперирале и дека повеќе не може да зборува. Поминуваа годините, со ливчиња се разбиравме, ми пишуваше што му треба… а потоа јас заминав во Германија. Во последно време му помагаа добрите луѓе, за кучињата, гулабите, па и за него“, пишува Алексовска.

Многу луѓе кои му помагаа на чичко Драги вечерва се збогуваат од него на социјалните мрежи. Кучињата од Рекорд тој си ги чуваше дома. Осум од нив сега се сместени во пансион кој треба да се плаќа на месечна основа, а за пет ќе се грижи неговиот сосед. Доколку некој од граѓаните сака да донира, може слободно да ни се обрати.
Почивај во мир, чичко Драги. Скопје се гордее што имаше човек како тебе.